Германија: Најмногу заразени доаѓаат од Западен Балкан

од Vladimir Zorba
108 прегледи

На тест станиците на германските автопати, најголем процент од заразените со „Ковид-19“ е утврден на просторот за одмор на автопатот А3, кој главно носи патници од Западен Балкан во Германија, јавува „Дојче веле“.

Според нивните информации, околу 2,4 проценти од тестовите во Центарот за тестирање на одмаралиштето на автопатот A3 Donautal-Ost (Источен слив на Дунав) се позитивни. Од отворањето на Центарот за тестирање, 16.856 патници дозволиле да им земат брисеви. Од нив, 410 беа позитивни.

На местото за одмор во Хохфелн, на автопатот А8, процентот на заразени лица е помал (1,2 процент), а уште помалку има во Интал-Ост, на автопатот А93 (0,4 проценти).

На автопатот А8 биле тестирани 11.509 лица, а 137 биле заразени, додека на А93, од 7.285 тестови за присуство на коронавирус, 32 од нив биле позитивни.

Весникот „Зидојче Цајтунг“ ја објави изјавата на министерот за здравство на Баварија, Мелани Хумел, според која големата разлика во процентот на заразени лица се објаснува со фактот дека станицата за тестирање на автопатот А3 широко ја користат патниците од Западен Балкан.

Новинарот на тој весник потсетува дека за голем број на земји од тој регион предупредувањата на германското Министерство за надворешни работи до граѓаните да не патуваат во тие земји заради зголемениот ризик од инфекција се уште се во сила.

Во последниве денови, бројот на ново заразените повторно се зголеми во Германија.

Во извештајот на „Зидојче Цајтунг“ се најавуваат засилени контроли на задолжителното носење заштитна маска и физичко растојание од 1,5 метри во Баварија, како и зголемено присуство на полицијата на шеталиштата, базените и јавните паркови, додаде Дојче веле.