Германската агенција за јавно здравје изјави дека немаат доволно податоци за ефикасноста на вакцината кај оваа популација, што дополнително ќе ја комплицира имунизацијата на Европската унија.
Независна комисија што ја советува германската влада препорача вакцината против корона на АстраЗенека да не се дава на лица постари од 65 години, што според Фајненшл тајмс дополнително ќе го комплицира веќе лошиот план за вакцинација на ЕУ.
Комисијата за вакцинација при институтот Роберт Кох соопшти дека „нема доволно податоци за да се процени колку е ефикасна вакцината за оние над 65 години“.
Од таа причина, комисијата препорача да се вакцинира населението на возраст меѓу 18 и 64 години. Комисијата рече дека две вакцини одобрени од ЕУ – Фајзер /Бионтек и Модерна – се „подеднакво безбедни и ефикасни“.
По веста од Германија, акциите на АстраЗенека паднаа за 2,4 проценти.
Препораката дојде во време кога Европската агенција за лекови конечно треба да одобри употреба на вакцината АстраЗенека, и среде жесток конфликт меѓу ЕУ и компанијата околу снабдувањето со вакцини. Брисел ја обвини компанијата дека го крие распоредот за испорака на вакцините, откако АстраЗенека објави дека Европа ќе добие помалку дози од договореното.
Двете страни се состанаа во средата вечерта, но разговорите, иако беа „конструктивни“, не го решија проблемот со намалена испорака на дозите во ЕУ.
Европската комисија и наложи на АстраЗенека да испрати вакцини произведени во Велика Британија во ЕУ, кои инаку се наменети за британската јавност. Компанијата им рече дека договорот не ги обврзува да се придржуваат до оригиналниот план за дистрибуција, туку само да „направат напор“ да се придржуваат до него.
Constructive tone in our exchange with @AstraZeneca CEO Pascal Soriot, in our Vaccine Steering Board, on deliveries of their vaccine following approval. The EU remains united & firm ➡️ Contractual obligations must be met, vaccines must be delivered to EU citizens.
— Stella Kyriakides (@SKyriakidesEU) January 27, 2021
Стела Кириакидес, европски комесар за здравство, во средата вечерта истакна дека ЕУ е „обединета и решена“ во уверувањето дека АстраЗенека мора „да ги исполни одредбите од договорот“.
„Жалиме што АстраЗенека продолжува да биде нејасена кога станува збор за распоредот за испорака и од нив бараме јасен план за брза испорака на количините на вакцини што ги резервиравме за првиот квартал“, рече таа по разговорите со претставниците на компанијата.
„Ќе работиме со компанијата да најдеме решение и да им доставиме вакцини на граѓаните на ЕУ што е можно поскоро“, додаде таа.