Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок денеска изјави дека поради војната во Украина, која има за цел да ја подели Европа, важно е Европската унија да биде поддржана од земјите на патот кон членство, а особено порача дека Србија треба да ја поддржи надворешната политика на Брисел, а со тоа и санкциите против Русија.
Во изјавата за новинарите по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург, Бербок рече дека било разговарано дека во овој момент е особено важно да се поддржи не само Украина, туку и сите други земји кои својата иднина ја гледаат во ЕУ, особено Западен Балкан.
„Клучно е да не ги разочараме земјите кои својата иднина ја гледаат во ЕУ и да го исполнат нашето ветување за членство. Ова особено важи за Западен Балкан, особено за Северна Македонија и Албанија. Наша одговорност е да ги отвориме пристапните преговори со тие земји оваа половина година“, рече Бербок.
Бербок рече и дека имала билатерален разговор со нејзиниот бугарски колега и дека се согласиле дека најважно во оваа ситуација е да започне пристапниот процес за Скопје и Тирана.
Таа изрази надеж дека Бугарија брзо ќе ги реши сите отворени прашања во овој поглед.
Таа додаде дека истото важи и за другите земји од Западен Балкан, кои деновиве и недели јасно покажаа дека својата иднина ја гледаат во ЕУ, а повеќето од нив ги поддржаа санкциите на ЕУ.
Бербок и порача на Србија дека ако сака да стане членка на Унијата, треба да ја поддржи надворешната политика на ЕУ.
„Би сакала да и кажам на Србија ако сакате да станете членка, кон што се стремите, клучно е да ја поддржите надворешната политика и санкциите на ЕУ во овој момент“, заклучи таа.