На турско-грчката граница се води политички спор на грбот на ранливи луѓе – вклучително и многу деца. Германија одлучи да прифати одреден број на посебно загрозени деца, објави „Дојче веле“.

Германија одлучи да прифати „соодветен број“, посебно загрозени деца кои како бегалци се наоѓаат на турско-грчката погранична област. На оваа одлука се согласија членовите на коалицискиот одбор, односно челниците на владејачките партии ЦДУ, ЦСУ И СПД, како и водечки личности на сојузните влади и покраини.
Германија сака да организира преземање на овие деца заедно со другите држави на ЕУ кои имаат желба да го сторат истото.
На кого ќе му помогне Германија
Одлуката се однесува на околу 1.000 до 1.500 малолетни лица кои се наоѓаат во преполните кампови на егејските острови. Станува збор за деца без придружба помлади од 14 години и постари малолетни лица на кои им е потребана итна медицинска помош поради потешки заболувања. Повеќето од тие деца се од женски пол.
Откако Турција де факто се откажа од својот дел од бегалскиот пакт со ЕУ и ги доведе луѓето во пограничниот регион, на турско-грчката копнена граница, но и на грчките егејски острови, се одвиваат драматични сцени. Грчките безбедносни сили користеа солзавец во повеќе наврати, а повремено дури и муниција, за да ги спречат бегалците и мигрантите да ја преминат границата.
Ердоган денеска во Брисел
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска во Брисел треба да разговара со претседателот на Советот на ЕУ, Чарлс Мишел и со претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лејен. Покрај бегалското прашање, ќе се разговара и за ситуацијата во северната сириска провинција Идлиб, од каде неодамна побегнаа стотици илјади луѓе.