Германскиот сојузен министер за земјоделство и храна, Џем Оздемир денеска порача дека Германија има јасна определба и сака колку што е можно побрзо Северна Македонија да стане полноправна членка на ЕУ.
-За Сојузна Република Германија е јасно дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ и јас би сакал во рамките на мојата надлежност како министер за исхрана и земјоделство да го искажам мојот респект за напорите коишто ги направи вашата Влада и вашата земја во досегашниот пат, рече Оздемир на прес-конференција со неговиот македонски колега Љупчо Николовски.
Тој и Николовски имаа билатерална средба, по која заминаа на Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) каде треба да се обратат на првиот академски час.
-Морам да кажам дека овој пат навистина не е едноставен, не е ни краток пат во однос на војната која што сега се случува во Европа. Македонија со членството во ЕУ би имала пристап до заедничките пазари и би имала повеќе можности, додаде германскиот министер кој е во посета на земјава.