Германската влада, во реакцијата на настаните во Куманово, упати повик до владата во Скопје, сите други политички актери и албанското малцинство да избегнуваат сѐ што би можело да распламти нови тензии-пренесе DW.

Германската сојузна влада по вооружените престрелки во Македонија за време на викендот предупреди од влошување на лабилната политичка состојба во земјата: „Итно е неопходно да се спречи натамошна ескалација“ , изјави во Берлин, Мартин Шефер портпарол на министерството за надворешни работи на Германија .
Владата во Берлин е загрижена и вџашена поради насилните судири во Македонија. „ Македонската влада, сите други политички актери и албанското малцинство се повикани да избегнуваат сѐ што би можело да распламти нови тензии“, порача портпаролот на германското МНР.
Германската влада веќе подолго време со голема загриженост го следи развојот на настаните на внатрешно-политичката сцена во балканската земја, беше соопштено во Берлин. Портпаролот Мартин Шефер притоа упати на дебатите кои се водат во Македонија околу објавувањето на делови од прислушкувани телефонски разговори, кои наводно се водени од страна на членови на владата. Германската сојузна влада, според Шефер упатува повик до владата во Скопје да ги респектира правото на слободно собирање, слободата на печатот и на мислењето во духот на западните сфаќања.
Извор: DW.