Германска амбасада за „Локално“: Болно е тоа што повторно треба да се отвори Уставот, но содржински измената воопшто не е проблематична

од Nikola Popovski
589 прегледи

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ пред неколку дена најави дека германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон пројавиле интерес да помогнат во обезбедување на потребното двотретинско мнозинство во Собранието за евентуалното отворање на Уставот и внесување на бугарското малцинство, што ќе значи отпочнување на втората фаза од преговорите со ЕУ. -За мене е незамисливо дека ние самите ќе се блокираме и ќе се паркираме на истото место. Се разбира дека ќе дојдат меѓународните партнери во Собранието да помогнат. Има интерес од германскиот канцелар и од фрацускиот претседател да помогнат на сите можни начини за да дојдеме до 80 пратеници, истакна вицепремиерот во дебатна емисија.

„Локално“ ја контактираше Германската амбасада во земјава, од каде истакнаа дека засега не е планирана посета на германскиот канцелар, но порачуваат дека треба да се спроведат уставните измени.

Како што кажа и Сојузниот претседател во Собранието: Северна Македонија толку долго работеше на својата европска иднина, следната година би требала да ја спроведе ветената измена на Уставот, којашто содржински впрочем не е проблематична. Сите, кои ја сакаат оваа европска иднина и сакаат да избегнат понатамошни одложувања, би требало да гласаат за уставната промена, ни потенцираа од Германската амбасада.

Од таму додаваат дека овој чекор е од интерес на целокупната јавност.

-Разбираме дека е болно што повторно треба да се измени уставот, но овој чекор е во интерес на граѓаните на земјата, бидејќи реформскиот процес на патот кон ЕУ не е цел за себе: реформите ќе го подобрат животот на луѓето, успешен реформски процес значи подобра правна држава, потиснување на корупцијата, поголема транспарентност во јавната администрација вклучително и при доделувањето на позициите, почиста животна средина благодарение на сукцесивно воведување на европските норми итн, истакнуваат од Амбасадата.

За Германија е важно како им е на луѓето тука, истакнаа од нивната амбасада во земјава.

-Тие се дел од нашето европско семејство, кое го збогатуваат со своите јазици и култура. Северна Македонија е партнер, на кој сметаме. Затоа Германија ќе ја поддржи уставната промена најдобро што може, стои во дописот од амбасадата до нашата редакција.

Н.П. 

Слични содржини