Претставничката на германската левица „Ди Линке“, Жаклин Настиќ изјави дека владејачката ЦДУ, за време на дебатата во Бундестагот за продолжување на мандатот на германските војници во КФОР, призна дека Косово е проект на НАТО.
„На дебатата во германскиот Бундестаг, пратениците од владејачките партии дозволија да бидат водени кон откривање на скандалозни признанија. Така, пратеничката на ЦДУ, задолжена за надворешна политика, Гиела Мандерла, го нарече Косово трансатлантски проект, односно проект на НАТО“, рече Настиќ, на нејзиниот Фејсбук профил.
Таа напишала дека другите пратеници го карактеризираат Косово како „нивно дете“.
„Така, заговорниците на воената мисија во Косово потврдија дека таа всушност не е суверена држава“, подвлече Настиќ.
Пратеничката од левицата истакнала дека Косово е нелегално одделена провинција и протекторат на Западот.
Нападите врз поранешна Југославија во 1999 година биле криминални и кршење на меѓународното право, а фактот што Бундесвер и после 21 година останува на Косово е срамота, вели Настиќ.