Делегација на германската компанија „Сименс“, предводена од директорот Удо Ајхлингер, денес беше примена од страна на премиерот, Зоран Заев.
Имено, според информациите од Владата, на средбата од која дел бил и Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, претставниците на „Сименс“ покажале интерес за поголемо и непосредно присуство во С.Македонија, во рамки на учество во енергетскиот сектор во делот на обновливите извори на енергија, гасификацијата, како и во проектите за заштита на животната средина во капиталните проекти за управување со хидросистемите за снабдување и во системите за менаџирање со отпадните води.
Премиерот Заев и заменик-претседателот Битиќи ги запознале претставниците на „Сименс“ со стратешките проекти на Владата во енергетиката со посебен акцент на развојот на капацитетите со обновливи извори на енергија, и со крупните проекти за управување со води и ги охрабриле да учествуваат на јавните повици за конкурентно учество за нивна реализација.
На средбата гостите од „Сименс“ биле запознаени и со предностите на Законот за стратешки инвестиции кој овозможува поголеми инвестициски циклуси на државно и на локално ниво со опција за државна помош за поттик на економскиот раст, вработувањето, примената на нови технологии и иновации, и за зголемување на конкурентноста и на извозот.