Германскиот министер за одбрана Борис Писториус во Сараево предупреди на опасноста од можното влијание на Русија врз Западен Балкан, а во исто време рече дека владата во Берлин ги поддржува амбициите на земјите од тој регион за членство во ЕУ доколку ги исполнат поставените услови.
Писториус беше во работна посета на Сараево, каде што одделно се состана со членовите на Претседателството на БиХ, министерот за одбрана на земјата Зукан Хелез и високиот претставник Кристијан Шмит.
По средбата со министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, тој пред новинарите изјави дека Германија многу се грижи за стабилноста на Босна и Херцеговина и затоа сака да ѝ пружи поддршка, вклучително и можното членство во Европската унија, но Европскиот пат на земјата, како што истакна, е ист како и на сите други земји од Балканот, зависи од исполнувањето на јасно поставените услови.
„Така ќе остане затоа што така треба“, рече Писториус, нагласувајќи дека „не може да се седи на две столчиња“, односно на сите мора да му биде јасно дека мора да се исполнат предусловите за членство.
Писториус додаде дека Германија сака да ја поддржи стабилноста на БиХ бидејќи е свесна дека Русија може да ја искористи таа земја, но и целиот Балкан, како полигон за дестабилизација на Западот.
„Агресивната акција на Русија досега наиде на јасен одговор од Западот, а така ќе продолжи и во иднина“, истакна Писториус, потврдувајќи дека Германија ќе продолжи да испорачува тенкови „Леопард“ на Украина оваа година, што ѝ го вети претходно.