Германскиот олимписки фудбалски тим го напушти пријателскиот натпревар со репрезентацијата на Хондурас на пет минути пред крајот, поради расистички навреди кон фудбалерот Џордан Торунарига, објави Би-Би-Си.
Натпреварот се играше без присуство на публика во три дела од по 30 минути, а по паузата не се продолжи (1: 1).
Дефанзивниот 23-годишен германски фудбалер игра за Херта Берлин.
„Натпреварот заврши пет минути порано со резултат 1: 1. Германските фудбалери го напуштија теренот откако Торунарига беше навреден на расна основа“, беше наведено на профилот на Твитер на германската селекција.
Националниот тим на Хондурас објави дека станува збор за „недоразбирање“.
Селекторот на германскиот олимписки тим, Стефан Кунц изјави дека „кога еден германски играч е расно навреден, тогаш продолжението на натпреварот не е опција“.
Хондурас ќе игра против Романија на првиот натпревар од групата Б на Олимписките игри (22 јули), а Германија истиот ден ќе игра против Бразил, во рамките на групата Д.