Во врска со написите објавени во медиумите во текот на денешниот ден, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија ја известува јавноста дека експертскиот тим од Федералната криминалистичка полиција на Германија, кој треба да помогне за утврдување на причините за пожарот во модуларниот Ковид центар во тетовската болница, треба да пристигне во земјава во следните неколку дена, соопштија од Јавното обвинителство.
Според нив, тимот обвинители од тетовското и скопското обвинителство продолжува интензивно да презема дејствија за испитување на трагичниот настан.
-Се очекуваат резултатите од наредените вештачења и се врши распит на сите лица кои со своите сознанија би можеле да помогнат за откривање на причините за пожарот, стои во соопштението на ЈО.
Владата вчера објави дека е потврдена поддршката од НАТО сојузникот Германија, со што се одобрува во земјава да пристигнат стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги при несреќи за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот во модуларниот КОВИД центар во болницата во Тетово.
-Германските експерти ќе дојдар до крајот на неделава, а можно е да дојдат други експерти и побрзо за 48 часа, изјави синоќа претседателот Стево Пендаровски околу истрагата за пожарот во модуларната ковид-болница во Тетово.