Очекувањата на бизнис лидерите во Германија значително се влошија во јуни, објави во понеделникот институтот ifo, предупредувајќи дека слабата индустрија ја ставила германската економија во тешка позиција.
Индексот на деловната клима на ifo падна во јуни за три поени во однос на мај, на 88,5 поени, што е најниско ниво во последниве шест месеци.
Институтот составува извештај врз основа на истражување во кое учествуваат приближно 9.000 германски компании.
„Очекувањата се категорично песимистички, а оценките на компаниите за моменталната состојба на бизнисот се полоши (од претходниот месец – н.з.)“, рече претседателот на ifo, Клеменс Фуест.
Тој ја издвои слабата индустрија која, според неговите зборови, „ја доведе германската економија во тешка позиција“.
Бизнис климата во индустријата значително се влоши, па очекувањата се на најниско ниво од ноември минатата година, а послаби се и рејтинзите на тековните бизниси.
Бројни компании укажуваат на претерано ниското ниво на нереализирани нарачки, што требаше да помогне на стопанството да го надмине периодот на слаба побарувачка.
Негативниот тренд во индустријата се прелеа и во услужниот сектор преку компаниите за логистички и транспортни услуги, а расположението беше пригушено и во трговијата и во градежниот сектор, покажа истражувањето.