Германското министерство за надворешни работи ги предупреди своите граѓани на будност и претпазливост доколку патуваат во Северна Македонија поради честите лажни дојави за поставени бомби. Официјален Берлин им препорачува на германските државјани да се информираат од доверливи локални и социјални медиуми во врска со актуелната ситуација. Исто така бараат да ги следат препораките на македонските власти и безбедносни сили.
-Закани со бомби против јавни институции и објекти во последно време се регистрирани во главниот град Скопје. Тие првично беа насочени кон училишта и владини објекти, но во меѓувреме се погодени и хотели и други невладини установи. Последно, беше неопходна евакуација на меѓународниот аеродром Скопје, каде сообраќајот мораше да биде привремено запрен, стои во соопштнието од германското МНР.
Десетици дојави за бомби ги кренаа на нозе граѓаните и надлежните служби. Закани за експлозивна направа вчера изутрина биле испратени на електронски адреси на училишта, трговски центри, хотели, како и на Меѓународниот аеродром Скопје.
Доцна попладнето откако полицијата ги изврши потребните проверки, беше констатирано дека пријавите се лажни.
Десет училишта во Скопје и пет во Битола, како и Фудбалската федерација на Македонија, хотелот „Александар Палас“, хотелот „Мериот“, трговскиот центар „Ист Гејт“ и спортската сала „Борис Трајковски“ добија дојави за бомба.
Денешната годишна конференција на Стопанската комора на Северна Македонија, на која требаше да зборува премиерот Димитар Ковачевски, беше откажана поради алармот за поставена бомба во хотелот „Александар Палас“. Меѓу учесниците на конференцијата беа и министрите за економија, финансии, Крешник Бектеши и Фатмир Бесими. Ова е прв случај на дојава за бомба на настан на кој се очекува да присуствуваат политичари.
Завчера беа регистрирани рекордни 49 пријави за бомби, за кои полицијата исто така информира дека се лажни, по извршени антитерористички проверки.