Претседателот на српската Партија за слобода и правда, Драган Ѓилас, на прес-конференцијата зборуваше за поврзаноста на врвот на државата со криминалните кланови, конфронтациите со неистомислениците, пораките кон Европа, мафијата и граѓаните на Србија.
Во оваа прилика, тој ги предупреди претставниците на Европскиот парламент кои посредуваат во дијалогот меѓу властите и опозицијата за изборните услови, да не доаѓаат во септември со козметички промени, туку само со предлози што ќе го ослободат РТС, да спречат притисок врз гласачите и овозможат изборна контрола.
„Во следната година ќе се реши прашањето за опстанокот на Србија. Ова што се случува ќе има или среќен крај за народот и граѓаните или среќен крај за мафијашката влада. Ако сакаме да преживееме и да ја зачуваме државата, мора да го запреме ова. Кога ќе го победиме криминалот и ова зло на власт, тогаш ќе можеме да избереме. Сега можеме да избереме дали ќе имаме демократска и слободна Србија или држава на Пабло Ескобар во Европа. Последните настани во Србија укажуваат на тесна врска помеѓу српските власти и суровиот криминален клан. Државата Србија е во рацете на мафијата, која безмилосно ограбува и уништува. Тоа трае веќе 10 години, но сето тоа сега е повеќе видливо отколку порано“, рече Ѓилас, додавајќи дека под такви околности, се води дијалог меѓу владата и опозицијата за изборните услови.