Министерот за здравство Венко Филипче во однос на случајот со неговиот советник Горјан Гилевски, кај кој полицијата изминатиов викенд пронашла марихуана, изјави дека тој повеќе не е ангажиран со работа во министерството.
– Најостро ги осудувам сите постапки на прекршување на закони во државата. Законот важи подеднакво за сите и мора да се почитува од секој граѓанин. Гилевски не е повеќе ангажиран со работа во ресорното министерство и тој не е советник во кабинетот, изјави Филипче.
Од Министерството за внатрешни работи објавија дека во саботата, 1 февруари во раните попладнени часови скопјанец бил уапсен во Градскиот парк во Скопје, бидејќи кај него била пронајдена марихуана. Подоцна се дозна дека се работи за советник во кабинетот на министерот Филипче.
„На 01.02.2020 во 17.00 часот во Градски парк полициски службеници од СВР Скопје го привеле 27-годишниот Г.Г. откако кај него била пројадена марихуана, а по целосно документирање на случајот, против него бил поднесен и соодветен поднесок“, информираа од МВР.