Го решаваме деценискиот проблем на учениците и наставниците во Гимназијата „Сами Фрашери“ во Куманово. Ова средно училиште ќе добие нов училишен објект, информира попладнево премиерот Димитар Ковачевски.
Според него, на денешната седница Владата донесе одлука да се отпочнат активности за целосно ново модерно училиште кое ќе чини околу 120 милиони денари.
-Објектот во следните три години ќе се гради на земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, во поранешната кумановска касарна. Образованието останува на врвот на нашите приоритети, потенцира Ковачевски.
Владината одлука предвидува средства во износ од 48 милиони денари во буџетот на МОН за 2023 година и дополнителни 70 милиони денари во 2024. Објектот ќе биде изграден на земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, лоцирано во поранешната кумановска касарна.
Општина Куманово ја завршува процедурата за изработка на архитектонско урбанистички проект, а по одобрување на истиот ќе започне со изработка на основен проект за изградба на нов училишен објект. МОН ќе ја спроведе постапката за избор на економски оператор за изградба и надзор над градежните активности. Со тоа ќе се реши деценискиот проблем поради кој дел од младите во Куманово немаа квалитетна настава во училници какви што и заслужуваат.
Дополнително, за оваа општина со измени на програмите за капитални инвестиции на МОН годинава се обезбедуваат и околу 15 милиони денари со кои ќе се реконструира крвот на објектот во кој се лоцирани основните училишта „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Петков Мисирков“ каде поради дотраеност при неповолни временски услови се попречува наставата. Постапката за избор на изведувач на градежните активности ќе започне следниот месец.