Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и Управата за јавни приходи (УЈП) спроведоа заеднички контроли кај приватни здравствени установи – матични гинеколози, при што било утврдено дека кај 23 од вкупно 49 контролирани установи има неправилности. Иако ехо прегледот, колпоскопијата и земањето микробиолошки брис, согласно договорната обврска со ФЗО, следуваат бесплатно, пациентките за нив плаќале по 500 денари.
Како што соопшти генералниот директор на ФЗО, Сашо Клековски, Фондот има склучено договори со 149 приватни здравствени установи за вршење примарна здравствена заштита во дејноста гинекологија. Контролите, реализирани во ноември 2025 година, опфатиле околу 33 отсто од вкупниот број договорни установи и биле спроведени поради зачестени претставки од осигуреници.
Најмногу пропусти имало во Скопје и во Струмица, одговорни биле во Прилеп и Битола. Казни за несовесните ќе има и од Фондот и до Управата за јавни приходи во зависност од прекршокот.
Според збирните наоди од двете институции, неправилности биле утврдени кај 23 установи. Од нив: кај 3 биле констатирани неправилности само од страна на ФЗО, кај 11 само од УЈП, а кај 9 од двете институции.
ФЗО утврдил неправилности кај 12 приватни здравствени установи, при што најчест проблем била наплата на дополнителни средства од осигурени лица (кај 8 установи), како и неуредна медицинска и административна евиденција (кај 5 установи).
Директорката Елена Петрова информираше дека УЈП извршила контроли кај 46 приватни гинеколошки ординации, при што кај 16 од нив, односно околу 35 проценти, биле утврдени неправилности во евидентирањето на готовинскиот промет.
– Иако здравствените услуги се ослободени од ДДВ, а голем дел од овие установи плаќаат симболичен данок или се целосно ослободени, тоа не значи дека неевидентирањето на прометот е без даночни последици. Напротив, ваквата пракса остава простор за неоданочени лични примања и директно ја храни сивата економија, нагласи Петрова.