Евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир од Тетово порача дека ја разбира фрустрацијата поради незапочнувањето на преговорите. Како што вели, во таква ситуација и во такви околности најдоброто решение и најдобриот пат напред е да можат да се удвојат напорите помеѓу двете земји, со цел да може да се дојде до договор кој ќе биде прифатлив и за С.Македонија и за Бугарија.
„Се разбира тоа и го прават Северна Македонија и Бугарија, тие се ангажирани цело време на начин да можат да дојдат до взаемно прифатливо решение, взамено прифатлив договор“, посочи Гир.
Евроамбасадорот посочи и дека втора работа што треба да ја направи земјава е да продолжи со имплементација и реализација на процесот на реформите.
„Со други зборови тоа би значело Владата да продолжи со имплементација на процесот на реформите. Имплементација токму на тие реформи кои ќе ја приближат земјата до ЕУ и се разбира ќе доведе до крајната цел – полноправно членство во ЕУ“, посочи евроамбасадорот.
Тој потсети дека следниот чекор е усогласување на преговарачката рамка помеѓу сите 27 земји членки на ЕУ, што не се случи при крајот на минатата година поради немање едногласност.