Гир: Ерасмус+ програмата во Македонија е на исто ниво и покриеност како и во земјите членки на ЕУ

од Vladimir Zorba
203 прегледи

Во организација на Македонско американската алумни асоцијација МААА и Унијата на европски федералисти на Македонија УЕФМ, денеска се одржа панел дискусија, насловена „Алумни од САД размена и ЕУ Еразмус плус програми: размена на искуства и знаења“, на која се обратија амбасадорката на САД, Н.Е Кејт Мари Брнз, амбасадорот на ЕУ, Н.Е Дејвид Гир, претседателот на УЕФМ г. Петар Богојески, потпретседателката на МААА г-а Зорица Трајкова и млади алумни претставници од земјата.

Амбасадорката на САД Н.Е Кејт Мари Брнз и амбасадорот на ЕУ, Н.Е Дејвид Гир со заеднички заклучок истакнаа дека САД и ЕУ споделуваат исти вредности и овозможуваат стекнување на знаења и искуства на младите од Северна Македонија во насока на поддршка на политичкиот и економски развој, поддршка на реформите кои се пред се од значење на граѓаните на земјата.

– „Потребата од демократија значи да се посветува постојано внимание, постојано реновирање, дури и да се биде иновативен. Демократските процеси се често неуредни, тие бараат компромис и секогаш дијалог и само дијалог. Но, успеваат. Јас се надевам дека ќе бидете во можност да ги искористите можностите на САД, да видите што се имаме постигнато ние во Америка и да го донесете стекнатото знаење од таму овде во Македонија. Друго нешто што е навистина важно да се потенцира е дека вие како алумни не го носите само талентот со кој сте станале алумни, знаењето и искуството од учеството во програмата, но и перспективите кои ќе ги согледате од други демократии кои се соочуваат со слични предизвици како вашата држава”, изјави амбасадорката Брнс во своето воведно обраќање.

Амбасадорот на ЕУ во земјата, Н.Е Дејвид Гир истакна дека Ерасмус+ програмата е најуспешната платформа која ја има ЕУ за сите студенти преку можностите кои ги нуди како на образовно, така и на професионално ниво.

„Овде во Македонија Ерасмус+ програмата е на исто ниво и покриеност како и во земјите членки на ЕУ. Само во 2019 година, 2200 студенти од државата земаа учество во проекти преку Ерасмус+ програмата за високо образование, тренинг, студентска размена и сл. И морам да напоменам дека Ерасмус+ програмата е само дел од се она што ЕУ го прави во вашата земја со цел да помогне во креирање подобри можности за младите”, рече амбасадорот Гир.

Претседателот на УЕФМ, Петар Богојески и потпретседателката на МААА Зорица Трајкова, кои истакнаа подготовка за соработка помеѓу двете организации и спроведување на новиот проект за споделување на стекнатите знаења и искуства од студиските престои во САД и ЕУ со младите, пред се студенти, средношколци, но и членови на професионални здруженија.

– „Идејата е резултат на предходно лично искуство, каде стекнатите искуства и знаења остануваат несподелени надвор од кругот на нашите пријатели и семејства. Многу е важно да бидеме отворени кон сите во земјава, особено младите луѓе, пред се студенти, средношколци, активисти во професионални здруженија или членови на стопански комори,“ потенцираше Богојески.

Алумни од САД и ЕУ, Иван Дургутов, Јулијана Бојаџиева, Ејона Казиу и Бојан Лазаревски, споделија сеќавања од студиските престои и изразија подготвеност да бидат дел од наведениот проект.

Слични содржини