Гир: Фон дер Лајен направи лапсус кога рече „Северномакедонци“

од Nikola Popovski
254 прегледи

Претседателката на Европската комисија Урсула Фон Ден Лајен, во нејзиното обраќање направи лапсус и рече „северномакедонскиот народ“, а тоа беше единственото нешто на кое вие се задржавте од таа посета, изјави денеска евроамбасадорот Дејвид Гир за кованицата што ја употреби претседателката на ЕК при посетата на Македонија.

Гир истакна дека Фон Дер Лајен покажала огромна поддршка за Северна Македонија и оти не ја посетила земјава со „празни раце“, одговорајќи на прашања по настанот по повод отпочнувањето на градба на источен дел од железничкиот Коридор 8, секција Куманово – Бељаковце – Крива Паланка.

-Ова е трета посета на претседателката во една година, што е исклучително, со што мислам дека таа демонстираше огромна лична посветеност и посветеност на Комисијата за европскиот пат на земјава, порачал Гир како одговор на новинарско прашање.

Вчера шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи наведе дека не треба да ѝ замеруваме на Фон дер Лајен за како што рече, лапсусот со „Северномакедонци“.

-Треба да бидеме коректни. Во целата нејзина прес-конференција, беше коректна во однос на јазикот, по однос на другите идентитетски атрибути и во еден момент кажа нешто што не е во рамки на тие идентитески атрибути. Да имате фокус на претседател на Влада на најголемата економија во светот и да ни доаѓа секој месец во една мала држава како нашата, што го посакуваат големите европски држави да ја имаат Фон дер Лајен во нивно присуство, да има такви прес-конференции во однос на тоа што нас ни е важно и од еден лапсус да правите аномозитет кон тој интерес, што го покажува, не знам дали ќе го имаме постојано, рече Османи.

Од друга страна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека „ако е намерно употребено Северномакедонци, тогаш е страшно“.

-Тогаш тезата за асимилација на македонскиот народ се потврдува од највисокото ниво во Европа. Очекувам Урсула Фон дер Лајен да се корегира и како што напиша на македонски јазик, така и правилно да го изговори македонскиот народ, одговори Мицкоски на новинарско прашање.

Слични содржини