„ФРОНТЕКС значи подобрено управување на незаконската миграција и поефективна контрола на границите. Силите на ФРОНТЕКС ќе бидат распределени тука и ќе работат со нивните македонски колеги за да спречат нелегална миграција и криминални активности“ изјави евроамбасадорот Дејвид Гир на свеченоста за почнување на заедничката операција.
Тој додаде дека Северна Македонија останува одговорна за заштита на границите, но силите на ФРОНТЕКС ќе бидат тука да асистираат и помагаат.
„Тоа значи заеднички контроли на граничните премини, контролирање на мигратските текови и борба против прекуграничен криминал, вклучувајќи нелегална миграција, трговија со луѓе и тероризам“ рече Гир.
Евроамбасадорот додаде дека ФРОНТЕКС ќе помага на Северна Македонија да ја исполни улогата за управување со границите и исполнување на највисоките стандарди за управување со европските граници и овозможување на еднаков третман на сите.