Гир: Измените на Уставот е суверена одлука на Македонија

од Nikola Popovski
298 прегледи

Важно е да се има јавна расправа за уставните измени. Како ЕУ го поздравуваме усвојувањето на текстот за самите уставни измени во Владата. Се разбира сега следи процесот во Собранието, при што сакам да потенцирам тоа е суверена одлука на вашата земја и тоа прашање треба да го адресира вашата земја, кажа евроамбасадорот Дејвид Гир за последните случувања околу потребните промени на Уставот и внесување на бугарското малцинство со што Македонија ќе ја продолжи втората фаза од преговорите со ЕУ.

Гир се надева дека пратениците кога ќе го разгледаат текстот, ќе се фокусираат на тоа што е пред нив и да можат да го оценат текстот, секогаш имајќи предвид што е националниот интерес на државата и европската иднина.

Според предлогот, „во формулацијата „граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и други, по зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарски народ, хрватски народ, црногорец, словенечки народ, еврејски народ и египетски народ“.

Владата на Димитар Ковачевски посочува дека предложените уставни амандмани го зајакнуваат мултиетничкиот карактер на Северна Македонија, која ги практикува европските вредности и заслужува да биде полноправна членка на ЕУ по членството во НАТО.

„Владата оценува дека граѓаните и државата имаат единствена можност да го потврдат европскиот пат, да ги забрзаат европските интеграции и да ја остварат оваа европска цел до 2030 година“, се наведува во вчерашното соопштение од владината прес-служба.

Се посочува дека Владата очекува конструктивност од сите политички субјекти претставени со пратеници во Собранието, совесност на сите пратеници и фокус на постигнување меѓупартиски консензус при усвојувањето на уставните амандмани во рамките на преговорите со Европската Унија.

„Оваа одлука на Собранието на Северна Македонија ќе овозможи одржување на втората Меѓувладина конференција со ЕУ до декември, отворање на поглавје во преговорите, интензивирање на реформите и брзо членство во ЕУ. Владата повикува на разум и свест на сегашниот моментум во кој земјата има можност да избегне долгогодишна изолација и конечно да ги постигне европските перспективи“, стои во соопштението.

Слични содржини