Гир: Медиумите имаат важна улога да ѝ дадат на јавноста точни, фактички информации

од Stefanija Kuzmanovska
153 прегледи

Северна Македонија е во многу важна фаза од процесот на приклучување кон ЕУ, но започнатиот процес треба да забрза. Важни се оние длабински реформи не само поради условеноста, туку и за да се изгради општество кое е отпорно, конкурентно, кое одговара на потребите на граѓаните и ги штити нивните фундаментални права, вклучително и во насока на слобода на изразување и слобода до пристап на информации.

Ова денеска го порача евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир, на настанот за јавно претставување на ЕУ проектот „ЕУ за слободата на изразување: усогласување на националното законодавство за медиуми со правото на ЕУ и европските медиумски стандарди”.

Медиумите, додаде Гир, имаат важна улога да ѝ дадат на јавноста точни, фактички информации за важните прашања како и за процесот на приклучување кон ЕУ.

– Ова е многу важно особено во контекст на масовните извори на лажни вести. Властите мора заедно со медиумите и граѓанскиот сектор, да промовираат медиумска писменост, способност на граѓаните да ги сфаќаат информациите, со што се гради отпорност кон лажните вести и дезинформациите, рече евроамбасадорот, потенцирајќи дека работата на медиумите мора да се зачува и зајакне.

Тој упати апел до сите политичари и креатори на политиките да ја почитуваат улогата на медиумите за да се сигурни дека можат да функционираат без никакви притисоци.

– Доколку до 31 мај целта за усогласување на националното законодавство со директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на ЕУ не се постигне, тогаш Северна Македонија ќе изгуби пристап до програмата и ќе ја изгуби можноста за користење на Креативна Европа, нагласи Гир.

Појаснувајќи го проектот, Гир рече дека овој проект ја демонстрира цврстата посветеност на ЕУ за слободата на изразување и слободата на медиумите особено како фундаментална вредност во земјите-членки на ЕУ и идните земји членки и на глобално ниво. Проектот на ЕУ, како што додаде, ќе опфаќа и подготовка за анализа на пазарот и препораки за правни решенија и политики кои ќе бидат во насока на подобрување на плурализмот, одржливоста, ќе се издадат препораки за разни регулаторни механизми кои ќе одговорат на предизвиците со кои се соочуваат традиционалните и онлајн медиумите.

Слични содржини