Гир: Не гледам можност за промена на Преговарачката рамка и оваа позиција не е променета

од Nikola Popovski
248 прегледи

Амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир изјави дека не гледа можност за промена на Преговарачката рамка на земјата „и овој став не е променет по изборите во ЕУ“.

Гир одржа средба со министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, што тој го опиша како „добар почеток“. Двајцата разговарале за реформската програма во земјава, која е дел од планот на ЕУ за раст на Западен Балкан.

„Ќе ја оценуваме Владата врз основа на она што го прави. Ако сака да продолжи напред на евроинтегративниот пат, ние ќе бидеме цврсти и посветени партнери“, изјавил Гир.

Муртезани истакнал дека нема сомнежи за членството на земјата во Европската унија и нејзиниот евроатлантски пат, но според него, она што го одложува е протоколот со Бугарија, што е дел од Преговарачката рамка.

Според неговите зборови, „ќе има значајни разговори во владата и со Брисел за да се најде најдоброто решение без да се создаваат проблеми на патот на земјата кон ЕУ“, и измените во Уставот, кои се услов за вистински почеток на преговорите за Северна Македонија со ЕУ, „ќе се случат, но за тоа е потребен инклузивен процес во кој ќе има широк национален консензус“.

Пред два дена ставот дека не може да дојде до повторно преговарање на Преговарачката рамка со промена на договорот со Бугарија, го кажа и американската амбсадорка во земјава.

-Договорот за добрососедство е веќе репреговаран, со додавањето „француски предлог“, од кои произлегуваат уставните измени, вели премиерот Христијан Мицкоски кој инсистира на репреговарање на тој договор и додавање на нов т.н. Француски предлог. Со ова шефот на Владата ја коментираше изјавата на Анџела Агелер која посочи дека двата договори се завршена работа и нема ново преговарање за напредок кон ЕУ.

Слични содржини