Евроамбасадорот Дејвид Гир, во однос на тоа дали законот за лични карти и наведувањето на етничка определба е согласно европската регулатива, рече дека главната ЕУ регулатива кога станува збор за ова прашање е општата регулатива за заштита на лични податоци, што го забранува споделувањето на лични податоци како расна и етничка припадност, како и политичка и верска припадност.
„Во Европската Унија, личните карти во моментов се сè уште регулирани од страна на земјите членки, но регулативата што ја споменав, што ги содржи првите правила кои се однесуваат на овие документи на ниво на Унијата, ќе стапи на сила во август 2021“, рече Гир на заедничката прес-конференција со министерот за економија Крешник Бектеши, по повод претседавањето на земјава со ЦЕФТА.
Евроамбасадорот додаде дека усогласувањето на законодавството на земјава со правилата и стандардите на ЕУ е важен процес и оти ЕУ отсекогаш ја охрабрувала Македонија да постигне напредок на ова поле затоа што, посочи, ова е едно од првите работи што би се оценувале при почетокот на проговорите.
Според предложените законски измени, во личната карта треба да се вметне и графа за националност. Предлогот е Беса, партија од владејачката коалиција, а доби поддршка и од двете најголеми партии СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ.