Евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир пред Националниот совет за евроинтеграции во Собранието порача дека 2023 година ќе биде решавачка за ЕУ, за Западен Балкан и Северна Македонија.
-За Северна Македонија фокусот во 2023 година мора да биде на реформи. Реформи кои пред се и над се ќе бидат на барање на граѓаните и на нивните интереси. Патот напред, темпото на тие реформи и напредокот кон ЕУ сега зависи од вас. Сега е моментот кога треба да се надоврзете на оној поттик којшто се случи во 2022 со почнувањето на преговорите. Времето отсега до изборите во 2024 година треба да се искористи токму затоа, да се турнат напред оние толку потребни реформи за кои сите знаеме кои се и што е потребно да се направи, кажа Гир.
Евроамбасадорот повтори дека патот кон членството во ЕУ нема да биде лесен.
-Но, имате почнато со реформи во важни области, а некаде сте дури понапред и од други држави, од европски држави. Измените на Уставот со цел вклучување на граѓаните коишто се самоопределуваат како Бугари останува суверена одлука на Северна Македонија, но исполнувањето на тоа е потребно за да се задржи моментумот во преговорите. Станува збор за одлука која што не зависи од никој друг освен од вас, истакна меѓу другото Гир.