„Северна Македонија и целиот Западен Балкан треба да го искористат позитивниот моментум за да напредуваат на патот на интеграцијата во Европската Унија“. Вака денеска изјавил евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир.
Според него, лидерите на владите на 27-те земји членки на Европската Унија, по европските избори покажале посветеност дека нивна стратешка визија и во следните пет години ќе биде процесот на проширување.
-Можам да кажам дека процесот на проширување останува врвен приоритет и за идната структура на европските институции. Не гледам никаква разлика. Единствено што можам да додадам е дека во овој момент навистина постои голем момент и одлична можност која Северна Македонија може да ја искористи во контекст на проширувањето на Европската Унија“, изјавил Гир по посетата на општина Виница.
Граѓаните на 27-те земји-членки на ЕУ од 6 до 9 јуни гласаа за избор на свои претставници во Европскиот парламент со мандат од пет години. Иако на овие избори е забележан значителен пораст на екстремно десничарските партии, на прво и на второ место се рангирани традиционалните партии на десниот центар и левицата, Европската народна партија и социјалдемократите.