Евроамбасадорот Дејвид Гир е дециден дека земјава треба да ја зграпчи можноста кога процесот на проширување е поставен како врвен приоритет на агендата на ЕУ.
-За да може да се комплетира целиот овој процес, следниот чекор којшто треба да се направи е измена на Уставот, се разбира дека тука зборуваме за суверена одлука која што треба да се направи од страна на вашата држава. Меѓутоа зборуваме за една одлука која што е суштествено значајна за да може да се придвижиме напред, изјави денеска Гир.
Евроамбасадорот истакна дека што побрзо се спроведуваат реформите, толку побрзо ќе биде и самото влегување на земјата во ЕУ.
-Тој пат пред земјата е јасен, отворен е, така што, ако се забрза процесот на реформи ќе може и практично да се искористат бенефитите во таа смисла. Јас сум навистина убеден, ако ги преземете овие чекори, ќе се приклучите кон ЕУ, порача Гир по обраќањето на настанот за одбележување на Денот на Натура 2000 и Светскиот ден на биодиверзитетот во Општина Дебрца.