Евроамбасадорот Дејвид Гир не го коментираше писмото на австрискиот амбасадор Георг Вуцас, кој преку допис до медиумите, упатува жестоки критики до македонското правосудство.
-Како што реков не сакам да коментирам конкретно за ова писмо, очигледно е важно дека ние како дипломати да дадеме се од себе за да промовираме позитивна средина за инвестирање, затоа што тоа е во заеднички интерес на бизнисите од ЕУ, но исто така и за граѓаните и бизнисите овде.
Како што знаете ние ЕУ, како и земјите-членки сме многу ангажирани во областа на владеењето на правото и судските реформи. Една од причините за тоа е да се осигураме дека има атрактивна бизнис средина овде, за да имате повеќе странски директни инвестиции во градовите, кои им носат работни места и други практични бенефиции на граѓаните кои живеат овде, рекол денеска Гир, одговарајќи на новинарско прашање.
Вуцас вчера побара да се разрешат сите судии и јавни обвинители, но и да им се укинат лиценците на извршителите и нотарите кои постапувале во спор што се води меѓу австриската компанија „АММА ДОО Хоенемс“ и валандовската фирма „ДЕНА трејд“ за производство на корнишони, поврзана со семејството на поранешниот премиер Зоран Заев.