Драган Ѓилас, лидер на ССП, вели дека никогаш во историјата немало диктатор кој постојано зборува за сопственото убиство.
На социјалната мрежа Х тој ги коментираше изјавите на претседателот на Србија, Александар Вучиќ дека бил цел на дејствија на граѓани и неговото патување во Давос за Светскиот економски форум.
„Никогаш во историјата немало диктатор кој постојано зборува за сопственото убиство и му кажува на народот, убиј ме, убиј ме, а угнетениот народ му одговара – никој не сака да те убие, болен лудаку, само оди си“, напиша Ѓилас.
Во друг твит наведе дека Вучиќ брка луѓе по ходниците и цел ден дава изјави не за настаните во Давос, туку за ситуацијата во Србија.
„Луд човек. Ја однел булументата во Давос на државен трошок. Таму бркаше луѓе по ходниците и цел ден даваше изјави за режимските медиуми, но не за настаните во Давос, туку за ситуацијата во Србија. Ги навреди професорите, студентите, целата нација. Тој вечерва го обвини и ректорот на белградскиот универзитет дека лаже“, рече Ѓилас.
Вучиќ денеска се враќа од Давос за утре да присуствува на митингот на СНС во Јагодина, додека студентите, учениците и просветните работници ширум Србија ја прекинаа работата.