Ѓоковиќ без сјај на теренот, но со милионска заработка во 2025

од Марта Пешевска
80 прегледи

Иако не беше често присутен на терените оваа година, Новак Ѓоковиќ и натаму успешно ги полни своите банкарски сметки. Во првите четири месеци од 2025 година, српскиот ас одигра само 19 мечеви и забележа 12 победи и 7 порази, но сепак инкасираше импресивни 1.400.063 долари од настапи на турнирите.

На спортски план, Ѓоковиќ не блескаше како во претходните сезони, но неговите резултати не беа целосно незабележителни. Стигна до полуфиналето на Отвореното првенство на Австралија и до финалето на Мастерсот во Мајами, што придонесе за поголемиот дел од неговата годишна заработка.

Сезоната ја започна во Бризбејн, каде што стигна до четвртфинале и освои 18.685 долари. На Australian Open стигна до полуфинале и заработи 1.100.000 австралиски долари. Потоа следуваше несреќен настап во Доха, каде што беше елиминиран во првото коло, но сепак доби 21.525 долари.

По кратка пауза, настапи на турнирите во Индијан Велс и Мајами. Во Индијан Велс беше елиминиран во второто коло, заработувајќи 37.650 долари, додека во Мајами стигна до финалето и освои 597.890 долари, губејќи од младиот Јакуб Меншик. Во Европа, на Мастерс турнирите во Монте Карло и Мадрид, Ѓоковиќ претрпе рани елиминации, но сепак заработи 44.220 евра во Монте Карло и 30.895 евра во Мадрид.

Според официјалните податоци на АТП, вкупната заработка на Ѓоковиќ од тенис во 2025 година досега изнесува 1.400.063 долари. За споредба, минатата година – обележана со златото на Олимписките игри во Париз, Ѓоковиќ инкасираше 4.421.915 долари, додека во 2023 година заврши со неверојатни 15.952.044 долари, благодарение на освоени седум титули.

Неговата најпрофитабилна сезона останува 2015 година, кога освои 11 титули и заработи рекордни 16.760.145 долари. Иако и 2011 година беше исклучително успешна со 10 трофеи, заработката беше нешто пониска, 12.619.803 долари. Најслабата сезона на Ѓоковиќ, според заработка, беше 2017 година, кога поради проблеми со лактот играше само дел од годината и заработи 2.116.524 долари, освојувајќи само две титули.