Ѓоковиќ целата заработка од Олимписките игри ја донира во добротворни цели

од Vladimir Zorba
58 прегледи

Новак Ѓоковиќ го освои златото во машка поединечна конкуренција на Олимписките игри во Париз. Во финалето го победи Карлос Алкараз со 7:6 (3), 7:6 (2).

Тоа е првиот златен медал во кариерата на 37-годишната српска тениска ѕвезда. Владата на Република Србија великодушно ги наградува своите олимпијци кои освојуваат медали. Така, Ѓоковиќ од неа ќе добие еднократна исплата од 200.000 евра.

Како што пренесува српскиот портал Курир, Ѓоковиќ целата таа добивка ќе ја донира во добротворни цели. Српскиот тенисер имаше бројни хуманитарни гестови во текот на кариерата. Тој во 2007 година ја основа Фондацијата Новак Ѓоковиќ, со која раководи неговата сопруга Јелена. Целта е да се обезбеди предучилишно образование за секое дете во Србија.

Само две земји плаќаат повеќе од Србија за олимписко злато. Тоа се Израел (253.000 евра) и веројатно најдарежливиот Хонг Конг (708.000 евра). Ѓоковиќ се стекнува и со право на спортска пензија која се активира од 40 години и се исплаќа месечно.

Со оваа победа српскиот тенисер ја заокружи својата кариера Златен слем, односно освојување на сите четири Гренд слем турнири и олимписко злато. Досега во историјата на тенисот успеале само Штефи Граф, Андре Агаси, Рафаел Надал и Серена Вилијамс. Ѓоковиќ е и водечки тенисер по заработка во кариерата. Само од турнири досега има заработено повеќе од 150 милиони евра.

Слични содржини