Ѓоковиќ: Горд сум што ја напишав историјата на спортот што навистина го сакам

од Stefanija Kuzmanovska
373 прегледи

Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ денеска изјави дека е многу горд на досегашните резултати во сезоната. Ѓоковиќ оваа сезона освои три титули, меѓу кои и два Гренд слем трофеи – Австралија опен и Ролан Гарос. Српскиот тенисер вчера по трет пат во кариерата триумфираше на Ролан Гарос, откако во финалето го совлада Норвежанецот Каспер Руд со 7:6 (7:1), 6:3, 7:5. Ѓоковиќ со триумфот во Париз ја освои рекордната 23. Гренд слем титула.

Србинот денеска по традиција се сликаше пред Ајфеловата кула во Париз.

„Многу сум горд, уморен сум, ќе ми треба време за одмор. Неверојатни две недели, всушност цела сезона. Ги освоив првите два грендслема, токму она што го посакував од почетокот на годината. Сакам да се обидам да освојам што повеќе Гренд слемови, изјави Ѓоковиќ.

Тој денеска и официјално се врати на првото место на АТП листата и ја започна рекордната 388-ма недела како тенисер број еден во светот.

„Воодушевен сум и горд што ја напишав историјата на спортот што навистина го сакам. И што можев да го споделам тоа со пријателите, семејството, тимот. Големо и многу тешко патување, секој натпревар беше многу предизвикувачки, но ние истрајавме. Ролан Гарос отсекогаш ми бил најтешкиот од четирите Гренд слемови, затоа е уште посладок. Историја на масата, на таков натпревар, со сите тие луѓе на трибините… Многу уникатно, специфично чувство, посебно. Кога паднав на теренот почувствував огромно олеснување, ме обземаа прекрасни емоции“, изјави Ѓоковиќ и додаде дека вечерва ќе даде се од себе да го дочека петтиот меч од финалето на НБА помеѓу Денвер и Мајами, пренесе Танјуг.

Слични содржини