Рекордерот по освоени Гренд слем титули и олимписки шампион од Париз 2024, Новак Ѓоковиќ смета дека има многу проблеми во системот за допинг контрола во тенисот. Србинот ова го изјави, коментирајќи го случајот со првиот светски рекет Јаник Синер, на прес-конференција пред почетокот на Отвореното првенство на САД.
Како што е познато, Меѓународната агенција за интегритет во тенисот (ITIA) извести дека Синер дал два позитивни допинг теста за време на турнирот од серијата „Мастерс“ во Индијан Велс (САД) во март. Италијанецот ја избегна казната со тоа што само му беа одземени ранкинг бодовите и сумата освоена на тој турнир.
„Разбирам дека играчите се фрустрирани поради недостатокот на конзистентност. Разбирам дека неговиот случај беше затворен во моментот кога беше објавено. Но, поминаа пет или шест месеци откако веста за позитивните допинг тестови стигна до него и неговиот тим. Така да, да, има многу проблеми во системот, гледаме недостиг на стандарди и јасни постапки. Ги разбирам чувствата на многу играчи кои се сомневаат дека се третирани подеднакво“, изјави Ѓоковиќ.
Србинот, исто така, рече дека едвај чека да продолжи да пишува историја бидејќи ја започнува одбраната на титулата на УС Опен само три недели по неговиот златен медал на Игрите во Париз за да го зацврсти својот статус како најдобар тенисер во историјата.
Ѓоковиќ има за цел да го освои рекордниот 25-ти Гренд слем и да стане првиот шампион на Њујорк кој успешно го одбранил својот трофеј по швајцарскиот великан Роџер Федерер во 2008 година.
Триесет и седум годишниот Србин со нетрпение очекува да го одигра својот прв натпревар на турнирот во понеделник против Раду Албот под светлата на „Артур Еш“.
„Целта е секогаш да се обидам да стигнеме до финалето и да се бориме за трофејот. Тој начин на размислување не е поинаков за мене годинава“, додаде Ѓоковиќ на прес-конференцијата.
„Луѓето ме прашуваат: „Сега, кога освои сè со златниот медал, што друго има да освоиш? Сè уште ја чувствувам желбата, сè уште имам натпреварувачки дух. Сè уште сакам да пишувам историја и да уживам во тенисот. Отвореното првенство на САД е со најголемото тениско игралиште во светот. Вечерните сесии овде се многу познати, едвај чекам да бидам под светлата. Публиката, енергијата на стадионот е едноставно поинаква“, прокоментира уште тој.