Ѓоковиќ испиша нова страница во историјата на Ролан Гарос – 100-та победа и нов рекорд!

од Марта Пешевска
51 прегледи

Новак Ѓоковиќ повторно влезе во историјата на тенисот, овој пат на легендарните терени на Ролан Гарос. Српскиот ас обезбеди пласман во четвртфиналето на гренд слемот во Париз со убедлива победа над Британецот Камерон Нори – 6:2, 6:3, 6:2. Натпреварот на централниот терен „Филип Шатрие“ траеше два часа и 15 минути, а Ѓоковиќ уште еднаш ја покажа својата исклучителна физичка подготвеност и ментална стабилност. По мечот, порача: „Целта е – титулата!“

Ова беше јубилејна, 100-та победа на Ѓоковиќ на Ролан Гарос – уште еден доказ за неговата трајна доминација и константност. Нори успеа да пружи отпор само во вториот сет, кој траеше еден час. Сетот беше прекинат при резултат 3:3, но откако Ѓоковиќ одби да му дозволи брејк, брзо го презеде водството и не му даде нова шанса.

Најстар четвртфиналист во историјата на Ролан Гарос

Со оваа победа, Ѓоковиќ постави нов историски рекорд – на 38-годишна возраст стана најстариот тенисер во Опен ерата што се пласирал во четвртфиналето на Ролан Гарос. Тој го надмина рекордот на Унгарецот Иштван Гуљаш, поставен далечната 1971 година – пред точно 54 години. И покрај возраста, желбата за успех кај Ѓоковиќ не стивнува. Ако продолжи со ова темпо, без сомнение може да додаде уште еден трофеј во својата импресивна збирка од 24 гренд слем титули.

Следен предизвик – Зверев

Во четвртфиналето, Ѓоковиќ ќе се сретне со Германецот Александар Зверев, кој е трет носител на турнирот. Зверев се пласираше понатаму откако Холанѓанецот Талон Грикспор го предаде мечот поради повреда, во моментот кога Зверев водеше со 6:4, 3:0. Двајцата се имаат сретнато 13 пати, а Ѓоковиќ води со 8-5. Сепак, во последните пет меѓусебни дуели, Зверев победил трипати – што ветува интересен и неизвесен натпревар.

Зверев сè уште ја брка својата прва гренд слем титула, додека Ѓоковиќ трипати победувал на парискиот гренд слем – во 2016, 2021 и 2023 година. Минатата година токму на овие терени ја освои и олимписката златна медала. Ќе успее ли Новак да стигне до уште една титула и да ја продолжи својата неверојатна кариера? Следниот меч ќе даде одговор.

Слични содржини