Голем интерес имаше за воведната конференција на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ во Индијан Велс.
Траеше нешто над 15 минути, а Ѓоковиќ се осврна на повеќе теми – причините за лошиот настап на Австралија опен, Олимписките игри во Лос Анџелес, но и чувството што го има за неизбежното заминување од сцената на неговите најголеми ривали – Роџер Федерер и Рафаел Надал.
„Тие двајца, заедно со Енди Мареј, беа нераскинлив дел од мојот развој како играч и се што постигнав. За тоа се виновни многуте ривалства со нив. Сите знаеме дека тие моменти ќе дојдат за сите нас, но кога тие навистина ќе дојдат и кога всушност ќе сфатите дека тоа е тоа – Роџер заврши, Рафа и јас нема да играме уште долго – завршува една ера, и тоа е тажно. Од друга страна, има толку многу прекрасни моменти и натпревари, рекорди кои ги поставивме индивидуално, но и групно. Можеби најголемото ривалство во историјата на спортот е меѓу нас тројца или четворица“, рече Ѓоковиќ.
Новак се осврна и на повлекувањето на Надал од турнирот во Индијан Велс
„Да видиме уште колку можеме, тажно е што Рафа мораше да се повлече. Заедно патувавме во САД. Не беше планирано, но беше убаво да се видат неговото семејство и него. Знам дека дојде порано бидејќи сакаше да се прилагоди на временската зона, да тренира што е можно повеќе и да се подготви. Даде се од себе, но не требаше да биде така. Секогаш сакаше да биде на врвот на земјена подлога, на Ролан Гарос“.
Ѓоковиќ, сепак, не е загрижен за иднината на тенисот.
„Новите деца се тука – Алкараз, Синер, Руне се лидери на новата генерација, тука се и Медведев, Циципас, Зверев, Рубљев, сите тие се неверојатни. Мислам дека тенисот е во добри раце – се надевам дека нашиот придонес во последните дваесет години може да придонесе за понатамошен развој на спортот, тоа е она што сите го сакаме, никој не е поголем од тенисот како спорт“, заклучи Новак.