Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ истакна дека Енди Мареј внесува уникатен увид во неговата игра, а на воведната прес-конференција пред Австралија опен зборуваше и за својот прв противник во Мелбурн, Дејвис купот…
„Ова е дваесет годишнина од моето доаѓање во Австралија како сениор. Таа година, 2005 година, играв со Сафин на Род Лејвер Арена. Беше брзо, но и уникатно искуство, тој подоцна го освои турнирот… Продолжив да сонувам и после тоа, а три години подоцна го освоив мојот прв Слем на истиот терен. Прекрасни спомени“, започна Новак.
Новинар од Данска се интересираше дали ќе го гледаме Ѓоковиќ на мечот од Дејвис купот во Копенхаген. Одговорот беше очекуван – ќе видиме.
„Се надевам дека ќе бидам таму. Само неколку дена по финалето во Австралија. Ќе видиме како ќе поминам овде. Се надевам дека ќе можам да му бидам на располагање на селекторот. Холгер Руне и јас одлично се согласуваме надвор од теренот, одигравме одлични натпревари. Тој е одличен за данскиот тенис и данскиот спорт. Тој всушност ми испрати фотографија од арената каде што игра, имаше егзибиција – ми испрати порака дека ме чека. Ќе биде неверојатно ако играме“.
Прашањето за новата соработка со Енди Мареј беше неизбежно. Ѓоковиќ беше детален во својот одговор.
„Задоволство е да го имам во тимот. Знаев дека сакам Гренд слем шампион, некој кој поминал низ сето тоа. Беше изненадување за него кога му се јавив. Неговата тениска интелигенција е неверојатна, тоа сите го знаеме. Освојуваше турнири со вештачки колк, играше челинџери после се и со тоа покажа што значи да се биде шампион. Тој ме инспирираше мене и многу други. Тој исто така има уникатна перспектива за мојата игра затоа што првпат игравме кога имавме 12 години – ги знае силните и слабите страни на мојата игра, но и на моменталните најдобри играчи, бидејќи неодамна се пензионираше. Зборуваме многу, тој се обидува да ме разбере на повеќе нивоа, разговара со другите членови на тимот и се согласува со нив. Тоа е детално. Засега уживам“, вели Ѓоковиќ и додава:
„Само што почнуваме, се уште немаме ни официјален натпревар. Го видов во ложата на егзибицискиот дуел со Зверев, тоа беше малку како увертира. Инаку, одличен потег на организаторите е да ги стават тренерите на исто ниво со играчите. Пријатно сум изненаден од неговата посветеност и професионализам, со оглед на тоа што никогаш досега не бил тренер. Паметен е и го разбира моментот кога треба да каже нешто, да праша… Се трудиме да се вклопиме. Тренингот пред многу луѓе е добра подготовка за нас, а тој да види како јас реагирам. Тој бара отвореност, тоа е најдобриот начин“.