Новак Ѓоковиќ призна дека можеби нема да го продолжи учеството на Ролан Гарос. Тој се квалификуваше за четвртфиналето на турнирот по гладијаторската битка во пет сета со Франциско Серундоло која траеше скоро 5 часа.
„Последниве неколку недели имав благ проблем во пределот на коленото, но тоа не беше ништо сериозно, па дури и играв турнири без да чувствувам никаква болка. Сепак, во вториот сет се лизнав и чувствував болка. Ја земав максималната доза на лекови против болки, кои почнаа да функционираат на крајот од четвртиот сет, но нивниот ефект нема да биде вечен.
Мислам дека лесно можевме да ја избегнеме оваа ситуација доколку теренот беше во оптимална состојба. Во еден момент се запрашав дали има смисла да продолжам и размислував да се откажам. Сега ќе треба да ги направиме потребните тестови со лекарите и да одлучиме за среда. Во моментов не сум сигурен дали ќе играм во 1/4-финалето“, изјави Ѓоковиќ за медиумите.