24-кратниот гренд слем шампион Новак Ѓоковиќ објасни зошто одлучил да не се повлече од „Вимблдон“.
„Многу логично прашање на кое и знам и не знам како да одговорам. И сопругата ме праша за тоа, нормално е… Имам 37 години и можеби сакам помалку да ризикувам и да се подготвувам за Олимпијадата. Не знам што да одговорам од таа гледна точка. Не сакам да пропуштам Слем кога сум сè уште активен и на ова ниво. Не би го нарекол огромна желба да играм и ова е делумно затоа што ова е Вимблдон, турнирот за кој отсекогаш сонував да играм овде“.
„Веројатно тоа не е толку рационално и логично објаснување колку внатрешно чувство и голема желба за борба. Тоа функционира на секој Гренд слем турнир, но на Вимблдон – особено“, прокоментира Србинот, кој беше опериран на коленото.
„Сакав да видам колку брзо можам да закрепнам и да бидам во форма за да одиграм натпревари од пет сета на трева против најдобрите тенисери во светот. Како што кажав пред неколку дена, не дојдов овде да одиграм неколку кола. Сакам да се борам за титулата, а последните три дена покажаа дека сум навистина способен да се натпреварувам на највисоко ниво – се надевам во следните неколку недели.
Знам дека веднаш потоа Олимпијадата ќе започне на сосема друга подлога. Го знам сето тоа. Но, мислам на Вимблдон – тоа е турнир од соништата. И мораме да се концентрираме на него. Поминавме многу време на закрепнување и постепено го зголемивме нивото на интензитет, се разбира, многу внимателни со коленото и неговата реакција. Немаше неуспеси при опоравувањето. Дури и да се случеше едно, ќе се запрашав дали да учествувам или не. Но, тие ги немаше. Па зошто да не си дадам уште една шанса овде?“, прецизираше Новак, кој има 7 титули на митската трева.