Ѓоргиев за Локално: Промените во комисијата со Бугарија ќе го продлабочат јазот меѓу двете држави

од Илинка Илиоска
812 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски  вчера најави дека наскоро ќе биде променет составот на македонската страна во Заедничката македонско-бугарска мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања.

Тој не изнесе детали, но според него, актуелната мешовита комисија не ги оправдала очекувањата и не била заштитник на националните интереси на македонскиот народ.

Но, според ко-претседателот на Комисијата од македонска страна, академик Драги Ѓоргиев, со таква изјава се внесува многу политика во комисијата и дека работата на оваа комисија е погрешно сфатена.

Академик д-р Драги Ѓорѓиев, член на МАНУ и професор на Институтот за национална историја (ИНИ) на УКИМ, во изјава за „Локално“ рече дека на политичко ниво се заострени односите и во овој случај тоа многу силно ќе се отслика и во самата Комисија.

„Лично мислам дека нема да бидат во полза на решавање на ситуацијата со оглед на тоа што како се сфаќа работата на комисијата, односно дека тоа е условно речено војна меѓу Бугарија и Македонија за националниот идентитет“, рече Ѓорѓиев.

Тој истакна дека тоа не е суштината на оваа комисија, но очигледно таквото сфаќање ќе направи уште поголем јаз меѓу двете држави.

„Зависи и на кое ниво ќе биде подигната или третирана работата на комисијата, но мислам дека ќе биде политички злоупотребувана“, изјави Ѓорѓиев.

Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија потпишан на 1 август 2017 година.

Оваа година се одржани три состаноци на Комисијата, а работата веќе неколку години е заглавена на содржината на учебниците по историја во основните училишта, кои го обработуваат периодот на Средниот век.

И.И.

Слични содржини