Сопругата на претседателот, г-а Елизабета Ѓоргиевска, денеска се обрати на отворањето на регионалната конференција на високо ниво „Моќта на изборот: Остварувајќи телесна автономија кај жени и девојки”, што се одржува во Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија. Конференцијата, чиј домаќин е г-а Ѓоргиевска, се одржува во соработка со Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА, а под покровителство на претседателот Стево Пендаровски.
Во своето обраќање, г-а Ѓоргиевска истакна дека телесната автономија е основно човеково право, а сепак како такво останува неостварливо за премногу жени и девојки ширум светот, потенцирајќи дека собирот има за цел да поттикне дијалог и да ги засили гласовите на оние кои долго време се маргинализирани.
-Оваа конференција нека биде доказ за нашата посветеност, нашето сочувство и нашата колективна волја да направиме разлика, рече Ѓоргиевска во своето обраќање.
На воведната сесија се обратија и Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика, Флоренс Бауер, регионална директорка на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија, Росана Дуџак, постојана координаторка на Обединетите Нации во Северна Македонија и Диене Кеита, заменик-директорка (програма) на УНФПА преку видео-обраќање.
Преку 4 панели на различни теми, говорниците на конференцијата ќе дадат преглед на остварувањето на телесната автономија, ќе дебатираат за бариерите за пристап до здравствена заштита, образование и економски можности.
На последниот панел на конференцијата, што започнува во 16:00 часот, ќе се обратат Арманда Бегај, сопруга на претседателот на Република Албанија, Мирела Беќировиќ, сопруга на членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на претседателот на Република Северна Македонија, Тамара Вучиќ, сопруга на претседателот на Република Србија и Алеш Мусар, сопруг на претседателката на Република Словенија. Преку видео порака ќе се обратат и сопругите на претседателите на Република Хрватска и на Украина, Сања Мусиќ- Милановиќ и Олена Зеленска.
На Конференцијата присуствуваат околу 100 претставници од државата и од регионот на Источна Европа и Централна Азија, ООН, меѓународната заедница, креатори на политики, жени лидери, претставници/чки на граѓанското општество, на младите, експерти и други засегнати страни.
Телесната автономија и сексуалното и репродуктивното здравје и права се клучни за напредокот кон родовата еднаквост, постигнувањето на Целите за одржлив развој на ОН и целите на Програмата за акција на Меѓународната конференција за население и развој (ICPD) што се одржа во Каиро, Египет, во 1994 година.
-Телесната автономија е основно човеково право, а сепак, како такво останува неостварливо за премногу жени и девојки ширум светот. Од огромна важност е тоа што се собравме денес овде за да поразговараме за ова прашање и да работиме во насока на донесување на значајни промени. Преку овој собир, имаме за цел да поттикнеме дијалог и да ги засилиме гласовите на оние кои долго време се маргинализирани. Овде сме да слушаме, да учиме и да трасираме пат напред кој ќе ја почитува и кој ќе ја поддржува автономијата, достоинството и правата на жените и девојките, рече Ѓоргиевска.