Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека се обезбедени 30 милиони денари за проширување на капацитетите на ЈП Лајка и за создавање современи и хумани услови за згрижување на бездомните кучиња.
Како што соопшти градоначалникот преку објава на социјалните мрежи, со оваа инвестиција се најавува нов пристап кон долгогодишниот проблем со бездомните животни во главниот град. Според него, во минатото ова прашање било занемарувано, што резултирало со зголемување на бројот на бездомни кучиња и влошени услови и за граѓаните и за самите животни.
Ѓорѓиевски посочи дека забелешките од јавноста се оправдани и дека актуелната градска администрација има намера системски и одговорно да пристапи кон трајно решавање на проблемот. Тој нагласи дека Скопје нема да дозволи да стане дестинација за носење бездомни кучиња од други градови, додавајќи дека ова прашање веќе е отворено со надлежните институции.
Според најавите, со воведувањето на системот „Сејф сити“ ќе се овозможи идентификација и санкционирање на лицата кои несовесно ги оставаат животните на територијата на градот.
Градоначалникот упати апел до граѓаните да пријавуваат вакви појави и да бидат активен партнер во воспоставувањето ред, истакнувајќи дека проширувањето на капацитетите на „Лајка“ ќе започне во краток рок. Целта, како што нагласи, е обезбедување простор, соодветна грижа, ветеринарна заштита и достоинствен третман за бездомните кучиња.