Ѓорѓиевски: Ако во минатото, промена на менувач на камион на „Комуналец“ било 1,5 милиони денари – денес чини помалку од 200 илјади

„Има двајца кои се во куќен притвор, а земале плата“ - рече градоначалникот Ѓорѓиевски за состојбите во „Комуналец“

од Nikola Popovski
201 прегледи Фото: Принтскрин/МИА

На денешното Генерално собрание на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Орце Ѓорѓиевски повторно ја доби довербата да ја води организацијата. Тој им се заблагодари на членовите на Управниот одбор за поддршката, како и на новоизбраните потпретседатели Изет Меџити и Горан Герасимовски.

Во изјава за медиумите по одржаното Собрание, Ѓорѓиевски рече дека почнала ревизијата во „Комунална хигиена-Скопје“ и информира дека „ако во минатото, промена на менувач на камион чинело 1,5 милиони денари, денеска чини помалку од 200 илјади денари“.

-Имаме лица кои што не се во државата, земале плата таму. Има двајца кои се во куќен притвор, а земале плата. Тоа го нема никаде во светот. Доаѓаме до констатација до кое дошло и ОЈО. Има институции кои треба да го сработат, рече градоначалникот.

Тој најави и дека на ниво на ЗЕЛС има план со мерки за справување со загаденот воздух. Најавува состанок со останатите градоначалниците пред крајот на годинава на кој ќе присуствува и премиерот Христијан Мицкоски.

По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против две лица, кои се товарат дека како соизвршители сториле кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Истрагата покажа дека во текот на октомври годинава, двајцата обвинети, со пропуштање на вршење надзор над собирањето, со транспортот и со непрописно управување со отпадот можеле да предизвикаат значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот или водата, опасност за животот или здравјето на луѓето или уништување на растителниот или животинскиот свет во поголеми размери.

Вршителот на должноста директор во ЈП „Комунална Хигиена“ Скопје, постапил спротивно на Статутот на претпријатието, на Законот за комунални дејности и не ги спроведувал одлуките и заклучоците на Управниот одбор, не се грижел за спроведување на деловната политика на претпријатието, не ги извршувал работите од неговиот делокруг на работа, не учествувал во утврдување на критериумите за користење и распоредување и за управување со средствата остварени со работењето на претпријатието, не го следел и не го анализирал извршувањето на плановите и договорните обврски и не преземал мерки за нивно остварување и не обезбедил мерки за заштита на животната средина. Како директор на јавно претпријатие кое е давател на комунална услуга бил должен, но сепак давањето на комуналните услуги не го вршел постојано и квалитетно и не се грижел да ги одржува во функционална и исправна состојба објектите, опремата и уредите.