Кандидатот за градоначалник на Град Скопје на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски вечерва истакна дека на покана на градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити се одржал настан, на кој уште еднаш била потврдена заедничка соработка за вториот круг од локалните избори за главниот град.
-Благодарам ВРЕДИ за огромната поддршка! Вечерва, на покана на градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, се одржа силен и обединувачки настан на кој уште еднаш ја потврдивме нашата заедничка соработка за вториот круг од локалните избори за Град Скопје, објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Тој истакна дека масовноста и енергијата што ја почувствувале вечерва се најдобриот доказ дека победата ќе биде историска.
-Од срце ви благодарам! Градот Скопје нема да ве заборави, напротив, ќе биде вистински партнер на Чаир и на сите негови граѓани. Во Чаир ќе работиме посветено и плански, истакна Ѓорѓиевски.
Тој најави проширување на булеварот „Цветан Димов“, изградба на катна гаража кај „Чаирчанка“, инвестирање во чист и зелен град, во нови површини за одмор и рекреација и, како што објави, во многу други проекти кои ќе значат подостоинствен живот за секој чаирчанец.
-Кај мене, почитувани, нема поделби ниту по етничка, ниту по верска, ниту по која било друга основа. Ви го давам мојот збор – градот Скопје ќе има рамномерен развој и еднаков пристап за сите. Заедно чекориме кон голема победа! Најдоброто допрва доаѓа!, истакна Ѓорѓиевски во објавата.