„Децата учат во безбедни училишта, а јавноста и родителите не треба да се плашат. Иако нивната паника и страв беа оправдани, децата се во сигурни раце и ние сме гарант за тоа“, изјави денеска Орце Ѓорѓиевски, претседател на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на Општина Кисела Вода.
Ѓорѓиевски нагласи дека ќе се залага за задолжителни редовни контроли на училиштата најмалку еднаш годишно, согласно закон, наместо да се остава на добра волја на градоначалниците или службите. Тој истакна дека во моментов се спроведуваат вонредни инспекциски контроли и посочи дека редовната контрола во Општина Кисела Вода била направена на крајот на минатата година, при што училиштето е оценето како целосно усогласено со сите стандарди.
„Како претседател на ЗЕЛС и градоначалник на мојата општина, сакам да порачам на граѓаните дека нивните деца учат во безбедни училишта и градинки. Сите утврдени недостатоци, како што се замената на застарени црева или неизвршените редовни контроли, мора да се решат во иднина. Локалните власти, во соработка со директорите на училиштата, ќе работат експедитивно на отстранување на овие проблеми“, изјави Ѓорѓиевски по посетата на основното училиште „Партенија Зографски“.