Ѓорѓиевски: Долгот на јавните претпријатија на Град Скопје надминува 300 милиони евра

„Не се работи за три дена, туку за месеци, па дури и години, луѓе на платен список без да доаѓаат на работа“, додаде Ѓорѓиевски за претходните вработувања во јавните градски претпријатија

од Nikola Popovski
17 прегледи Фото: Фејсбук

Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека вкупниот долг на јавните претпријатија во градот надминува 300 милиони евра, многу повеќе од очекуваните 200 милиони.

„Потребна е посериозна посветеност, но тоа е дополнителен предизвик и мотивација да се изгради метропола со која сите можеме да бидеме горди“, изјави синоќа Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека ситуацијата не го плаши и дека со добар тим и поддршка од Владата, градот ќе ја надмине кризата.

Градоначалникот најави дека сите јавни претпријатија ќе претрпат кадровски промени, од менаџерски тимови до директори на образовни институции, културни институции и средни училишта.

„Природно е секој човек да донесе тим со кој сака да работи. Кадровските промени ќе бидат објавени во наредните денови“, рече тој во гостување на вестите на Тв Сител.

Ѓорѓиевски, исто така, објави дека бројот на отпуштени лица поради непојавување на работа се зголемил од 370 на речиси 500 лица, што значи загуба од пет милиони евра годишно, доволно пари за изградба на „Луна паркот“.

Тој објасни дека се разгледува можност не само да се отстранат од работа, туку и средствата да бидат вратени и да има одговорност од раководители и директори кои го дозволувале тоа. Најмногу вакви случаи имало во ЈП Паркови и зеленило, ЈП Комунална хигиена, но и во Дрисла, Водовод и канализација, како и во сите други јавни претпријатија.

„Не се работи за три дена, туку за месеци, па дури и години, луѓе на платен список без да доаѓаат на работа“, додаде Ѓорѓиевски.

За Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, Ѓорѓиевски рече дека работи со десеткуван возен парк, кој очекува да биде пополнет во март следната година автобусите што ги најави Владата и Министерството за транспорт.