Денес, на покана на Црвениот Крст на град Скопје, кандидатот за градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски оствари средба со генералниот секретар на Црвениот Крст на Македонија, Саит Саити, секретарот на Црвениот Крст на град Скопје, г-ѓа Сузана Тунева-Пауновска, како и стручната служба на организацијата. На средбата беше разговарано за идна соработка и заеднички проекти во интерес на граѓаните.
Црвениот Крст на Скопје е симбол на човечноста, солидарноста и пожртвуваноста. Зад секој волонтер стои приказна, семејство на кое е помогнато, старо лице кое добило грижа или човек чиј живот бил спасен. Токму тие приказни претставуваат темел врз кој ќе се гради идна посилна соработка со Градот.
Ѓорѓиевски се обврза дека Градот Скопје ќе биде силен партнер и сериозна поддршка на оваа хумана мисија преку следниве конкретни чекори:
-зголемување на бројот на дневни центри,
-обезбедување на 50% повисоко финансирање за ангажирање на помагатели за деца со интелектуална попреченост и возрасни лица,
-дополнителна поддршка за пунктот за бездомници,
-обновување на поддршката за тимот за итна реакција при катастрофи,
-воведување на „ИТНО КОПЧЕ“ на целата територија на град Скопје со набавка на 200 нови уреди,
-како и развој на нови иновативни проекти за подобрување на благосостојбата на граѓаните.
„Скопје ќе биде град кој се грижи за секој свој граѓанин, а Црвениот Крст ќе остане наш најсилен сојузник во оваа благородна мисија,“ изјави градоначалникот Ѓоргиевски.