Ѓорѓиевски и дел од скопските градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ не пријавиле имотна состојба

ДКСК: 35 поранешни и 19 новоизбрани градоначалници не ја пријавиле имотната состојба, меѓу кои се и Арсовска, Јакимовски, Ѓорѓиевски, Стојкоски, Костовски, Дудуш...

од Nikola Popovski
38 прегледи Фото: Фејсбук профил на Орце Ѓорѓиевски

Државната комисија за спречување на корупцијата, согласно со член 17 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси ја евидентира и следи имотната состојба и интересите. Согласно со член 82 став 1 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси сите избрани градоначалници на Локалните избори 2025 година имаат обврска, најдоцна во рок од 30 дена од денот на изборот, да поднесат изјава за имотна состојба и интереси.

Исто така, согласно со член 82 став 3 од наведениот закон, по престанокот на функцијата градоначалник, истите имаат обврска да поднесат изјава за имотна состојба.

ДКСК извршила проверка во регистерот на имотна состојба и интереси и ја констатирала следната состојба:

-35 лица по престанок на функцијата – градоначалник, немаат поднесено изјава за имотна состојба и интереси. Меѓу нив се и екс-градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, како и поранешните градоначалници на Карпош и Струмица, Стевче Јакимовски и Костадин Костадинов.

-19 лица по изборот на функцијата – градоначалник, немаат поднесено изјава за имотна состојба и интереси, за кои ДКСК ќе иницира постапки согласно закон, со издавање прекршочен платен налог. Според објавеното, меѓу се нив се наоѓаат градоначалниците Орце Ѓорѓиевски, Дарко Костовски, Александар Стојкоски, Бети Стаменкоска-Трајкоска, Курто Дудуш…

Од ДКСК велат дека ќе ја следат состојбата и за сите наведени лица, кои и понатаму нема да ја исполнат законската обврска за доставување изјави, ќе иницира постапки за проверка на нивната имотна состојба и интереси.