Ѓорѓиевски: Имам блиски соработници и од советничката група на СДСМ, проф. Ралев ќе биде дел од Комисијата за урбанизам

„Јас никогаш партијата не ја ставам пред интересот на граѓаните“, порача градоначалникот откако беше обвинет од дел од советниците дека новите 117 лица во управните и надзорни одбори биле „партиски војници“

од Nikola Popovski
31 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук/Град Скопје

Вчера на седницата на Советот на Град Скопје, беа разрешени и именувани нови в.д. членови на надзорни и управни одбори на јавни претпријатија и установи. Се работи за вкупно 117 лица. Според реакциите од опозицијата, до советниците не биле доставени биографии, па гласањето се свело само на список со имиња, без можност да се процени стручноста и професионалната подготвеност на предложените кандидати. Обвинија дека се работи за „партиски војници“ и дека битна била „само партиската книшка и боја, како и оддолжување до партиските членови“.

Во едно од своите обраќања, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски порача дека не се согласува со ваквите констатации. Рече дека скоро сите од нив ги познава.

-Еве сега деновиве ќе биде формирана и Комисија за урбанизам каде што истакнат член на СДСМ и можеше да биде кандидат за Скопје, ќе биде дел од неа. Се работи за господинот Мишко Ралев. Како сум го направил тоа? Не одлучувам партиски, ова се сите луѓе со професионално искуство. Знам дека сите ќе го дадат својот максимум за јавните претпријатија и напредокот на градот. Што се однесува за праксите од минаото, една таква пракса имал Ковачевски кога стануваше премиер на државата – за 24 часа ги разреши сите надзорни и управни одбори. Такви пракси имало можеби во СДСМ. Јас имам блиски соработници кои што се дел од вашата советничка група. Не значи дека треба да ја затворам вратата за некого. Верувам дека овие лица ќе ги решаваат проблемите и ќе ги помагаат претпријатијата. Во вашата партија беше Мишко Ралев, половина од советничката група го споделуваше него за кандидат да биде, па после се одлучи Каја Шукова да биде кандидатка (за градоначалничка). Не значи тоа дека не треба да вклучам експерти. Јас никогаш партијата не ја ставам пред интересот на граѓаните, кажа Ѓорѓиевски на седницата на Советот.